ИНФОРМАЦИЈА ЗА БРЗИ ИМУНОХРОМАТОГРАФСКИ ТЕСТОВИ ЗА
ДЕТЕКЦИЈА НА РЕСПИРАТОРНИ ВИРУСИ

ЈЗУ Центар за јавно здравје – Битола информира дека во микробиолошката лабораторија се врши испитување со брзи имунохроматографски тестови за детекција на најчестите респираторни вируси: вирус на инфлуенца А и Б, респираторен синцициски вирус (RSV) и аденовирус.

Со воведувањето на овие тестови се овозможува брза и навремена лабораториска детекција на вирусните причинители на респираторните инфекции, што претставува значајна помош во дијагностиката и понатамошното клиничко постапување.

Што претставуваат брзите тестови?

Станува збор за имунохроматографски тестови кои овозможуваат квалитативна детекција на специфични вирусни антигени во примерок од назофарингеален брис. Испитувањето се врши од примерок земен со назофарингеален брис во микробиолошката лабораторија на ЈЗУ Центар за јавно здравје – Битола. Услугата е достапна со упат од матичен лекар, но и како комерцијална здравствена услуга, без упат, по барање на пациентот. Резултатите се добиваат истиот ден.

Брзите тестови овозможуваат истовремена или одделна детекција на:

  • Инфлуенца А и Инфлуенца Б;
  • Респираторен синцициски вирус (RSV);
  • Аденовирус.

Резултатите од тестирањето претставуваат значајна дијагностичка информација и треба да се толкуваат во корелација со клиничката слика и епидемиолошките податоци. Негативниот резултат не ја исклучува целосно можноста за вирусна инфекција.

Најчести респираторни вируси и заболувањата што ги предизвикуваат

  1. Инфлуенца А и Б (вирус на грип)

Инфлуенцата е акутна вирусна инфекција на респираторниот систем која се пренесува преку респираторни капки при кашлање, кивање и близок контакт со заразено лице. Болеста најчесто започнува нагло, со:

  • Покачена телесна температура;
  • Главоболка;
  • Болки во мускулите и зглобовите;
  • Сува кашлица;
  • Болки во грлото;
  • Општа слабост и малаксаност.

Инфекцијата може да предизвика компликации, особено кај мали деца, повозрасни лица, бремени жени и лица со хронични заболувања.

  1. Респираторен синцициски вирус (RSV)

RSV е чест предизвикувач на  лесни горно респираторни инфекции и тешки долно респираторни инфекции (бронхиолитис и пневмонија), особено кај доенчиња и мали деца, како и кај стари лица. Кај малите деца е главен предизвикувач на отитис медиа (воспаление на средното уво).  Кај поголеми деца и возрасни предизвикува настинки. Посебен ризик постои кај недоносени деца и лица со ослабен имунолошки систем.

 Инфекцијата може да се манифестира со:

  • Течење или затнатост на носот;
  • Кашлица;
  • Покачена телесна температура;
  • Кивање;
  • Отежнато дишење и свирење во градите.

Вирусот се пренесува аерогено со респираторни секрети, директен контакт и контаминирани површини.

  1. Аденовирус

Аденовирусите се група вируси кои можат да предизвикаат различни инфекции. Неколку видови предизвикуваат акутни инфекции на респираторниот систем и конјуктивитис и други помалку чести инфекции, како пнеумонија и инфекции во дигестивниот тракт.

Респираторните инфекции предизвикани од аденовирус може да се манифестираат со:

  • Покачена телесна температура;
  • Болки во грлото;
  • Кашлица и течење на носот;
  • Воспаление на крајниците;
  • Конјунктивитис (болест на розеви очи).

Кај одредени пациенти може да предизвика и бронхитис или пневмонија. Аденовирусите се пренесуваат преку респираторни капки, директен контакт со заразено лице и преку контаминирани предмети и површини.

 

Значење на лабораториското тестирање

Навремената лабораториска детекција на респираторните вируси има значајна улога во:

  • Утврдување на можниот причинител на респираторната инфекција;
  • Навремено и соодветно клиничко постапување;
  • Спречување на непотребна употреба на антибиотици;
  • Спречување на ширење на инфекциите;
  • Следење на присуството и циркулацијата на респираторните вируси во популацијата.

 

Препораки за превенција

За намалување на ризикот од респираторни инфекции се препорачува:

  • Редовно и темелно миење на рацете;
  • Избегнување близок контакт со лица кои имаат симптоми на респираторна инфекција;
  • Редовно проветрување на просториите;
  • Покривање на устата и носот при кашлање и кивање;
  • Останување дома при појава на симптоми на респираторна инфекција;
  • Вакцинација против сезонски грип согласно препораките на здравствените власти.

 

Центарот за јавно здравје – Битола продолжува со унапредување на лабораториските услуги и воведување современи дијагностички методи со цел навремено откривање на причинителите на заразните заболувања и заштита на јавното здравје.

Изработил:

Д-р Јасмина Николовска

Специјалист по микробиологија

ЈЗУ Центар за јавно здравје –Битола