Историјат

ЈЗУ Центар за јавно здравје – Битола
Во 1919 година во Битола била формирана Бактериолошка станица сместена во дрвени бараки во кругот на болницата, на сегашната улица “Климент Охридски” бр.15. При крајот на 1921 и почетокот на 1922 година, таа прераснала во Постојана бактериолошка станица, а била сместена во Декерови бараки добиени како воена репарација од Германија, во месноста наречена “Поликлиника”, на сегашната “Партизанска” улица. Со неа раководел бактериологот д-р Миливоје Ранков. Нејзина задача била да ги испитува и сузбива заразните болести, а пред сe маларијата која била многу распространета и постојано присутна во Пелагонија. Оваа била една од 15-те такви станици во Југославија, а втора во Македонија, после скопската.

Всушност, во организациската структура на здравствената служба за време на бугарската окупација на Македонија, во Битола покрај другите постоела и Обласна хигиенска лабораторија со која раководел д-р Димитар Несторов. Таа се состоела од Антивенерична амбуланта, чиј раководител уште од 1934г. бил д-р Д. Несторов, Антималарична служба, со која до 1943г. раководел д-р Трифун Пановски и Антитуберкулозен диспанзер, чиј раководител бил д-р Михаил Попов. Во нејзини рамки делувала и антирабичната и бактериолошката станица. Во оваа установа работел и епидемиологот и микробиолог д-р Вукашин Попадиќ и неговата сопруга Мирјам Попадиќ која раководела со училишната амбуланта, советувалиштето за мајки со деца и сиропиталиштето.
По ослободувањето на земјата од фашистичкиот окупатор, оваа значајна превентивна хигиено епидемиолошка здравствена организација доживувала чести промени на името но и на содржината и начинот на работа. Така, во периодот од 1945 до 1946 година се нарекувала Епидемиолошко-бактериолошка станица; Од 1947 до 1960г. Санитарно-епидемиолошка станица; Од 1960 до 1962г. Хигиенски завод; Од 1962 до 31.12.1965г. Завод за здравствена заштита со Здравствен центар; На 01.01.1966 година Заводот се интегрира во новоформираниот Медицински центар “д-р Трифун Пановски” како Хигиено-противепидемиолошка служба до 28.12.1974 година, а после тоа како Хигиено-епидемиолошка служба во ООЗТ Превентивно куративни гранки.
До интеграцијата Центарот за јавно здравје организационо го сочинуваа:
Од мај 2009 год со реорганизацијата на законот за јавно здравје, институцијата е преименувана во Центар за јавно здравје – Битола.