Мали сипаници- заштитете се навреме!
МАЛИ СИПАНИЦИ (МОРБИЛИ): СИМПТОМИ, РИЗИЦИ И ПРЕВЕНЦИЈА
Што се мали сипаници?
Малите сипаници, познати и како морбили, се високо заразно заболување предизвикано од вирус. Се пренесуваат лесно кога заразено лице дише, кашла или кива, а вирусот може да се шири и преку воздухот во кој се наоѓал заразениот.
Заболувањето може да предизвика сериозни здравствени компликации, па дури и смрт. Може да заболи секое лице кое нема соодветен имунитет, но најчесто заболуваат децата.
Вирусот најпрво ги зафаќа дишните патишта, а потоа се шири низ целиот организам. Најчестите симптоми се висока телесна температура, кашлица, течење на носот, црвенило и солзење на очите, како и карактеристичен осип по телото.
Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита од малите сипаници и спречување на нивното ширење. Вакцината е безбедна и ефикасна и му помага на организмот да создаде заштита од вирусот.
Знаци и симптоми
Симптомите на малите сипаници обично се појавуваат 7–14 дена по изложувањето на вирусот. Најкарактеристичен знак е осипот по кожата.
Раните симптоми обично траат 4–7 дена и вклучуваат:
- висока телесна температура;
- течење на носот;
- кашлица;
- црвенило и солзење на очите;
- појава на мали бели дамки на внатрешната страна на образите.
Осипот обично се појавува 3–5 дена по почетокот на првите симптоми, најпрво на лицето и горниот дел од вратот. Потоа се шири кон трупот, рацете, нозете и стапалата. Најчесто трае 4–8 дена, по што постепено исчезнува.
Можни компликации
Повеќето смртни случаи од мали сипаници се последица на компликации поврзани со заболувањето.
Можните компликации вклучуваат:
- слепило;
- енцефалитис – воспаление на мозокот кое може да предизвика оштетување на мозочното ткиво;
- тешка дијареја и дехидратација;
- инфекции на ушите;
- тешки респираторни компликации, вклучително и пневмонија.
Доколку бремена жена заболи од мали сипаници, постои ризик за нејзиното здравје, како и зголемен ризик од спонтан абортус, предвремено породување или раѓање на новороденче со ниска родилна тежина.
Кој е изложен на ризик?
Секое лице кое нема имунитет против вирусот може да се зарази. Највисок ризик од тешки компликации имаат невакцинираните мали деца и бремените жени.
Како се пренесуваат малите сипаници?
Малите сипаници се едно од најзаразните вирусни заболувања во светот. Вирусот се пренесува преку воздухот и преку респираторните секрети на заразеното лице при кашлање или кивање. Може да остане активен и заразен во воздухот или на контаминирани површини до два часа. Заразеното лице може да го пренесува вирусот од четири дена пред појавата на осипот до четири дена по неговата појава.
Лекување
Не постои специфичен антивирусен третман за малите сипаници. Лекувањето е насочено кон ублажување на симптомите, олеснување на состојбата на пациентот и спречување или лекување на компликациите.
Важно е да се обезбеди доволен внес на течности, особено кај лицата со дијареја или повраќање, за да се спречи или надомести дехидратацијата. Здравата и урамнотежена исхрана е исто така важна за закрепнувањето.
Доколку се појават бактериски компликации, како пневмонија или инфекции на ушите и очите, лекарот може да препише антибиотска терапија.
Превенција – вакцинацијата е најдобрата заштита
Масовната и навремена вакцинација е најефикасната мерка за спречување на малите сипаници и заштита на населението.
Сите деца треба да бидат вакцинирани против мали сипаници согласно националниот календар за имунизација. Вакцината е безбедна, ефикасна и економски исплатлива. За обезбедување сигурна заштита се препорачуваат две дози вакцина, бидејќи не сите деца развиваат доволен имунитет по првата доза.
Порака за јавното здравје:
Малите сипаници се сериозно, високо заразно заболување кое може да предизвика тешки компликации и смрт, но може ефикасно да се спречи со вакцинација.
Навременото примање на двете дози вакцина, согласно националниот календар за имунизација, е од суштинско значење за заштита на децата, спречување на епидемии и зачувување на здравјето на целата заедница.
Редовната имунизација е заедничка одговорност на здравствените институции, здравствените работници и родителите.
Заштитете го здравјето на Вашите деца – вакцинирајте ги навреме!
Користена литература:
- World Health Organization. Measles [Internet]. Geneva: World Health Organization; 2026 Jul 15 [cited 2026 Oct 30]. Available from: https://www.who.int/news-room/fact-sheets/detail/measles
