СВЕТСКА НЕДЕЛА ЗА РАЦИОНАЛНА УПОТРЕБА НА АНТИБИОТИЦИ

Од 18 до 24 Ноември се одбележува Светската недела за рационална употреба на антибиотици  (World Antibiotic Awareness Week).

Антибиотиците се лекови кои ги убиваат или го спречуваат растот на микроорганизмите во човековото тело и можат да се користат за лекување или спречување на инфекциите кај човекот.

Прекумерната или несоодветна употреба на антибиотиците може да доведе до појава на отпорни (резистентни) соеви кои не реагираат на антибиотскиот третман, појава која се нарекува антимикробната резистенција(АМР). Отпорноста на бактериите кон антибиотиците е растечка закана за глобалното здравје, која е се почеста во последниве децении.

Клучен момент во контрола на антимикробната резистенцијата има рационалната употреба на антибиотици и  подигнување на свесноста и разбирањето на антимикробната резистенција кај сите лица кои ги пропишуваат, издаваат и примаат антибиотиците.

Лабораторијата за микробиологија со паразитологија при ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола ја следи појавата на антимикробна резистенција со тестирања на осетливоста на изолираните бактерии кон антибиотици и ги пријавува резистентните соеви до релевантните институции. Исто така од 2013 година учествува и е дел од CAESAR мрежата (Central Asian and European Surviellance od Antimicrobial Resistance), за следење на антимикробна резистенција во Централна Азија и Источна Европа.