Светски ден на безбедност на храната – 7 Јуни 2026

 

На 7 јуни се одбележува Светскиот ден на безбедност на храната, ден посветен на подигнување на свеста за важноста на безбедната храна во заштитата на здравјето на луѓето.

Годинешната тема „Од товар кон решенија – безбедна храна насекаде“ ја нагласува потребата од заедничка акција за спречување на болестите предизвикани од небезбедна храна и промовирање на практични решенија кои обезбедуваат безбедна храна за сите.

Безбедноста на храната е одговорност на сите – од производителите и преработувачите, преку дистрибутерите и продавачите, до самите потрошувачи. Со почитување на стандардите за хигиена, правилно ракување и складирање на храната, како и со континуирана едукација, можеме значително да го намалиме ризикот од заболувања поврзани со храна.

ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола активно придонесува во унапредувањето на безбедноста на храната преку работата на своите акредитирани санитарни лаборатории, кои вршат микробиолошки и хемиски анализи на храна, вода и други примероци од значење за јавното здравје. Преку континуиран лабораториски надзор и стручна поддршка, се обезбедува следење и контрола на здравствената исправност на храната.

Воедно, ЦЈЗ Битола редовно организира и спроведува обуки и предавања за хигиенски минимум за вработените кои работат со храна, со цел унапредување на знаењата и практиките за безбедно ракување со храната и спречување на ризиците по здравјето на населението.

По повод Светскиот ден на безбедност на храната, ги повикуваме сите граѓани, институции и организации да придонесат кон создавање побезбедна средина и подобро јавно здравје преку одговорен однос кон безбедноста на храната.

Безбедноста на храната е одговорност на сите!