Безбедност на храната и препораки за исхрана за време на топлотни бранови

Безбедност на храната и препораки за исхрана за време на топлотни бранови 

 Во услови на топлотни бранови, безбедноста на храната и соодветната исхрана се од клучно значење за здравјето на населението. 

Високите атмосферски температури претставуваат закана за развојот на микроорганизми во храната и предметите во кои тие се наоѓаат. Ракувањето со храната, односно избор, подготовка, припрема, јадење и чување, имаат особености кои треба да се почитуваат за да се намали ризикот од труење предизвикано од храна.

 Избор на храна

  Одберете безбедно произведена храна која се продава во објекти кои исполнуваат услови за хигиенско чување на храната. 

 Обрнете внимание на рокот на употреба, пакувањето, начинот на чување, температурата и одберете готова или делумно подготвена храна која е правилно чувана – складирана и нема биолошка, физичка или хемиска контаминација.

 Месото и месните производи треба да се чуваат во уреди за разладување или замрзнување. После купувањето, овие производи треба што поскоро да се стават во фрижидер и пред консумација да се обработат термички (варење, печење, пржење).

 Млечните производи треба да се чуваат во уреди за разладување. После купувањето, веднаш да се сместат во разладен уред. 

 Јајцата треба да се чуваат во уреди за разладување. Јајцата треба да бидат без оштетена лушпа. Јајцата изложете ги на доволна термичка обработка и избегнувајте храна која содржи свежи јајца или недоволно термички обработени јајца. 

 Зеленчукот и овошјето пред употреба задолжително да се измијат со чиста безбедна вода. Да се отстранат оштетените делови од овошјето или зеленчукот. 

 Не користете храна со поминат рок на употреба, односно која променила боја, мирис, вкус и изглед. 

 Не ги употребувајте оштетените, надуваните и оксидираните лименки и конзерви. 

 Кога купувате замрзната храна внимавајте да биде добро замрзната, односно да не започнал веќе процесот на одмрзнување. Внимавајте на термометрите при купување храна од фрижидери за одржување или замрзнување. Во првите, температурата треба биде од -1 до 4 °C, а во вторите, -18 °C или пониска.

Препораки за исхрана, хидрација за населението при топло време

 „Лесни“ и квалитетни оброци 

Кога е топло, подобро е да се придржувате до лесни, разновидни, добро избалансирани и редовни оброци, сочинети од сезонски намирници. Храната со висока содржина на вода, исто така ќе ви помогне да бидете хидрирани во летните временски услови.

 Како да го разладите Вашето тело за време на топлотен бран? 

Консумирајте зеленчук со висока содржина на вода, како што се домати, краставици, зелка итн. Внесувајте помалку калории, зачестете ги оброците на течна основа, како што се супи и чорби. 

Консумирајте овошје, особено лубеница, диња, праска, кајсија и сл. 

Храна што треба да се избегнува при топло време 

За време на топлотен бран, треба да избегнувате да јадете многу месо, оброци богати со протеини и мрсна храна.

Како преку правилна исхрана да ја подготвите кожата за изложување на сонце? 

Широк спектар на студии покажаа дека некои витамини (Б3, Ц и Е), каротеноиди, масни киселини и полифеноли може да го намалат ризикот од создавање изгореници од сонце, а со тоа да ја заштитат кожата. Внесот на разновидно овошје и зеленчук е основата за здрава и отпорна кожа. 

Омега-3 масни киселини, витамин Б3 и астаксантин 

Овие состојки во рибите имаат позитивно дејство врз намалувањето на црвенилото од сончеви изгореници, во зараснување на раните, и да се подобри задржувањето на влагата, а со тоа намалување на појавата на брчки. Како најбогат заеднички извор од животинско потекло за овие три состојки се: лосос, скуша, харинга, сардини, ракчиња, како и другите видови риби. Како најбогат заеднички извор од неживотинско потекло за овие три состојки се јаткастите производи како ореви, лешници, бадеми, ф’стаци итн. 

Ликопен, биофлавоноиди, витамин А, С, Е („витамин за убавина“) 

Домати, кајсии, дињи, грозје, праски, лубеници и брусница се најбогат заеднички извор на овие состојки во храната. Со консумирање на овие намирници, можете да ги намалите воспалителните процеси на кожата, предизвикани од дејството на штетните УВ зраци, а со тоа да ги неутрализирате штетните ефекти од изложување на сонцето. 

Бета-каротен 

Со бета-каротен кожата побрзо добива потемна боја, се намалува и можноста за појава на алергија на сонце, а секако е значаен придонес за побавно стареење на истата. Меѓутоа, за делотворност на бета-каротенот, а со тоа навремена подготовка на кожата за сончање, 2-3 месеци пред летото треба да се зголеми внесот. Важно е да се напомене дека бета-каротенот треба да се зема во неговата природна форма, односно од храна, како портокалово овошје и зеленчук и темнозелен лиснат зеленчук, бидејќи токму тогаш е најефикасен. Препорачуваме храна која го содржи во големи количини, како што се: моркови, кајсии, праски, манго, лубеници, дињи, спанаќ, зелена салата, блитва, карфиол, брокула итн. 

Хидрација 

Во летно време, пиењето вода треба да е континуиран процес, не треба да се чека ожеднување или момент на влошување на здравствена состојба за да се внесе вода. Соодветен внес на вода во телото за возрасни со просечна тежина од околу 70 kg е околу 2 l. Меѓутоа, човечкото тело по својата природа на функционирање некогаш може да има потреба од повеќе вода, па, заради нормално функционирање на телото треба соодветно надополнување. Имено, при топло време, препорачливо е внесот на водата да ја надмине оваа количина. Исто така, многу е важен рамномерниот внес на течности во текот на целиот ден, а не тоа да се прави само во одреден временски период од денот. 

Во текот на топло време е клучно да се избегнат пијалаци што содржат висока количина на кофеин (чај, кафе), шеќер (засладени безалкохолни пијалаци) и алкохол. Овие течности, по нивните диуретични својства, овозможуваат организмот да изгуби поголема количина течности, а со тоа претставуваат потенцијална опасност за дехидратација на организмот. 

Работниците на отворено, на секои половина час треба да пијат најмалку по половина чаша вода. 

Со придржување до овие препораки, може значително да се намалат ризиците од здравствените последици предизвикани од топлотните бранови. 

                                                                                                                                                                                                         Изработил:

                                                                                                                                                                                        Д-р. Спец. Марјан Велјановски 

                                                                                                                                                                                       Центар за јавно здравје-Битола