ЈЗУ ИНСТИТУТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
ВЕКТОР ПРЕНОСЛИВИ БОЛЕСТИ
Информирајте се навреме и заштитете се!
КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВЕКТОР- ПРЕНОСЛИВИТЕ БОЛЕСТИ
Вектор-преносливите заболувања се значаен јавно-здравствен предизвик. Тие сочинуваат повеќе од 17% од сите заразни болести во светот и предизвикуваат над 700.000 смртни случаи годишно. Овие заболувања се пренесуваат преку убод од заразени комарци, крлежи, песочни мушички и други вектори, а можат да бидат предизвикани од вируси, бактерии или паразити.
Климатските промени, промените во животната средина, зголеменото патување и трговија придонесуваат за ширење на векторите во нови подрачја и за продолжување на периодот во кој тие се активни. Поради тоа, се зголемува ризикот од појава и ширење на вектор-преносливи заболувања.
Во Македонија се регистрираат заболувања како лајмска болест, инфекција со вирусот на Западен Нил, хеморагични трески, лајшманиоза и туларемија, додека маларија, денга, Зика и чикунгуња претставуваат потенцијален ризик за внесување и локално пренесување преку присутните вектори.
БОЛЕСТИ КОИ ГИ ПРЕНЕСУВААТ КОМАРЦИТЕ
Западнонилска треска (инфекција со вирусот на Западен Нил) – е вирусно заболување што се пренесува најчесто преку убод од заразен комарец од родот Culex. Птиците се природен резервоар на вирусот, а луѓето и коњите се случајни домаќини. Вирусот не се пренесува од човек на човек преку вообичаен контакт. Околу 80% од заразените лица немаат симптоми. Кај приближно 20% се развива лесна форма на болеста (Западнонилска треска), додека кај помалку од 1% може да се развие тешка невроинвазивна форма (менингитис, енцефалитис или акутна флакцидна парализа), особено кај лица постари од 60 години и кај лица со ослабен имунитет.
Во Македонија повремено се регистрираат лабораториски потврдени случаи на инфекција со вирусот на Западен Нил, најчесто во текот на летните и есенските месеци, кога активноста на комарците е најголема. Во земјата е докажана циркулација на вирусот, поради што се спроведува континуиран епидемиолошки и лабораториски надзор.
Најчести симптоми на инфекцијата се: покачена телесна температура пратена со треска, главоболка, болки во телото и мускулите, замор и слабост, гадење и повраќање и осип. Појавата на силна главоболка, вкочанет врат, нарушена свест или конфузија или слабост на екстремитетите укажува на можни невролошки компликации за кои е потребен итен медицински третман.
Денга – е вирусно заболување што се пренесува преку убод од заразен комарец од родот Aedes, најчесто Aedes aegypti и Aedes albopictus (азиски тигрест комарец). За разлика од инфекцијата со вирусот на Западен Нил, каде човекот е случаен домаќин, кај денгата човекот е главниот резервоар и извор на инфекција во урбаните средини. Болеста не се пренесува од човек на човек преку вообичаен контакт, но заразено лице во периодот кога вирусот е присутен во крвта може да биде извор на инфекција за комарците. На овој начин се одржува циклусот на пренесување на вирусот меѓу луѓето и комарците, што овозможува брзо ширење на болеста и појава на локални епидемии.
Повеќето заболени закрепнуваат во рок од 1–2 недели. Сепак, кај мал број лица може да се развие тешка форма на денга, која се карактеризира со крварење, оштетување на органите и шок, состојби кои можат да бидат животозагрозувачки доколку не се препознаат и лекуваат навреме.
Во Македонија досега не е регистрирано локално пренесување на денга. Повремено се регистрираат импортирани случаи кај лица кои престојувале во земји каде што болеста е ендемска.
Најчести симптоми се: висока температура, силна главоболка, силни болки во мускулите и зглобовите, болка зад очите, гадење и повраќање и осип на кожата.
Зика – е вирусно заболување што се пренесува преку убод од заразен комарец од родот Aedes. Како и кај денгата, човекот е главниот резервоар и извор на инфекција во урбаните средини. Болеста не се пренесува преку вообичаен контакт меѓу луѓето, но освен преку убод од комарец, вирусот може да се пренесе и од мајка на плод за време на бременоста, по сексуален пат и многу ретко, преку трансфузија на крв. Заразено лице во периодот кога вирусот е присутен во крвта може да биде извор на инфекција за комарците, со што се овозможува одржување на циклусот на пренесување.
Кај повеќето заразени лица (околу 80%) инфекцијата поминува без симптоми или со лесна клиничка слика. Сепак, инфекцијата за време на бременоста може да предизвика сериозни вродени аномалии кај плодот, вклучувајќи конгенитален Зика синдром и микроцефалија.
Во Македонија досега не е регистрирано локално пренесување на вирусот Зика, а регистриран е еден импортиран случај. Поради присуството на азискиот тигрест комарец (Aedes albopictus) во земјата, постои потенцијален ризик од локално пренесување доколку се исполнат условите за циркулација на вирусот.
Најчести симптоми се: лесно покачена телесна температура, осип на кожата, црвенило на очите (конјунктивитис), главоболка и болки во мускулите и зглобовите.
Чикунгуња – вирусно заболување што се пренесува преку убод од заразен комарец од родот Aedes, исто како денга и Зика. Болеста се карактеризира со нагло покачена температура и силни болки во зглобовите, кои кај дел од заболените можат да траат со недели или месеци. Повеќето заболени целосно закрепнуваат, но кај дел од нив силните болки во зглобовите можат да траат подолго време. Тешките форми на болеста се ретки, но поголем ризик од компликации имаат новороденчињата, постарите лица и лицата со хронични заболувања.
Во Македонија досега не е регистрирано локално пренесување на чикунгуња, а регистриран е еден импортиран случај. Заради присуството на азискиот тигрест комарец (Aedes albopictus) во земјата, постои потенцијален ризик од локално пренесување доколку заразено лице биде каснато од компетентен вектор.
Најчести симптоми на инфекцијата се: висока температура, силни болки во зглобовите, болки во мускулите, осип на кожата, замор и главоболка.
Маларија – е паразитарно заболување предизвикано од паразити од родот Plasmodium, кои се пренесуваат преку убод од заразен женски комарец од родот Anopheles. За разлика од вирусните заболувања што ги пренесуваат комарците, маларијата е предизвикана од паразит и без навремено лекување може да доведе до тешки компликации и смртен исход.
Најголем ризик од тешка форма на болеста имаат малите деца, бремените жени, постарите лица и лицата со ослабен имунитет. Најтешка клиничка слика предизвикува Plasmodium falciparum, кој е одговорен за најголемиот број смртни случаи во светот.
Во Македонија маларијата е елиминирана како автохтона болест и не се регистрира локално пренесување. Повремено се регистрираат импортирани случаи кај лица кои престојувале во ендемски подрачја, најчесто во земји од Субсахарска Африка, Азија и Јужна Америка.
Најчести симптоми на маларија се: висока температура проследена со треска, обилно потење, главоболка, гадење, повраќање и изразен замор и слабост.
Како да се заштитите од комарци?
Мерки насочени кон животната средина
Спречете го размножувањето на комарци во вашата средина:
- Не оставајте отворени буриња, канти, пловни објекти (чамци, кануа) и стари гуми по дворовите во кои може да се собира дождовница.
- Редовно чистете ги олуците за да се овозможи истекување на водата.
- Одржувајте ги чисти базените за капење, украсни базени, фонтани.
Намалете ја изложеноста на убоди од комарци:
- Користете миризливи свеќи, спирали и други репелентни средства додека престојувате во градина/двор.
- Користете уреди со светлина или ултразвук кои ги одбиваат или уништуваат комарците.
- Поставете заштитни мрежи на вратите и прозорците во домот.
- Избегнувајте излегување и престој на отворено од зајдисонце до зори, кога комарците се најактивни.
Мерки за лична заштита од убоди на комарци
- Носете светла, долга облека која ги покрива рацете и нозете, која ќе остава помалку откриени делови од телото/кожата (долги ракави, долги панталони, чорапи, капи).
- Користете заштитни средства (репеленти) во вид на лосион, стик, аеросол – спреј или крем за кожата и за облеката, кои ги одбиваат комарците.
Мерки за заштита при патување во ендемски подрачја:
- Следете ги препораките за патување издадени од локалните здравствени власти.
- Вакцинирајте се против заболувања за кои е препорачана и достапна вакцина, како што е жолта треска.
- Применувајте профилактичка терапија, како што е анти-маларична терапија пред и за време на патувањето, по совет на лекар
- При патување или престој во ендемски земји, задолжително употребувајте репеленти, а прозорците и креветите за спиење држете ги заштитени со мрежи импрегнирани со соодветен инсектицид.
- По враќање од патување, следете ја здравствената состојба и при појава на симптоми веднаш побарајте лекарска помош, при што треба да се наведе историја на патување во ендемски подрачја.
БОЛЕСТИ КОИ ГИ ПРЕНЕСУВААТ КРЛЕЖИ
Лајмска болест (Лајм борелиоза) – е бактериско заболување предизвикано од Borrelia burgdorferi, кое се пренесува преку убод од заразен крлеж од родот Ixodes. Ризикот од пренесување се зголемува доколку крлежот остане прикачен на кожата подолг временски период. Болеста се лекува со антибиотска терапија, затоа е важна рана дијагностика.
Во Македонија лајмската болест е најчесто регистрираното заболување што се пренесува преку крлежи. Случаи се пријавуваат секоја година, најчесто во пролетните и летните месеци кога активноста на крлежите е најголема.
Најчести симптоми на лајмска болест се: кружно црвенило на местото на убодот што постепено се шири (erythema migrans), покачена телесна температура, главоболка, болки во мускулите и зглобовите и замор.
Конго – кримска хеморагична треска – е тешко вирусно заболување што најчесто се пренесува преку убод од заразен крлеж од родот Hyalomma или при контакт со крв и ткива од заразени животни. Може да се пренесе и при директен контакт со крв или телесни течности од заболено лице, особено во здравствени установи без соодветни мерки за заштита.
Во Македонија повремено се регистрираат спорадични случаи, главно во источните и североисточните делови на земјата. Болеста е ретка, но поради високата смртност бара брзо препознавање и итно лекување.
Најчести симптоми се: нагло покачена телесна температура, силна главоболка, болки во мускулите и зглобовите, гадење, повраќање и болки во стомакот пратени со изразена слабост. Потребна е итна медицинска интервенција доколку по убод од крлеж се појави крварење од носот или непцата, модринки по телото, крв во повратени маси или столица и нарушена свест или конфузија.
Препораки за заштита од крлежи
Превенција од убоди од крлежи:
- Избегнувајте престој во области и локации каде има крлежи (висока трева, грмушки, шуми).
- Носете светла облека со долги ракави и ногавици – покријте ги рацете, нозете и другите експонирани делови – врат, глава.
- Испрскајте ја облеката со спреј на база на синтетски пиретроид – перметрин или употребете купена, специјално третирана со перметрин облека, за да се намали
можноста за закачување на крлежите на облеката. Внимавајте да не прскате од спрејот на кожата на откриените делови од телото.
- При работа со животни користете заштитна опрема и избегнувајте директен контакт со крв и ткива од сомнително заболени животни.
- Дополнителна заштита ќе ви обезбедат репелентите против крлежи и инсекти кои содржат диетилтолуамид (ДЕЕТ), а кои можат да се нанесуваат на гола кожа.
По престој во природа:
- Проверете ја облеката за крлежи. Крлежите може да се внесат во домот преку облеката. Сите пронајдени крлежи треба да се отстранат. Сушете ја облеката во машина за сушење алишта на висока температура 10 минути за да ги убиете крлежите на сува облека. Ако облеката треба прво да се пере, се препорачува топла вода. Ладна и средна температура на водата нема да ги убие крлежите.
- Проверувајте ги милениците за присуство на прикачени крлежи.
- Туширајте се веднаш откако ќе се вратите. Туширањето може да помогне во измивањето на неприкачените крлежи и е добра можност за проверка на присуство на крлежи.
- Направете целосна проверка на телото по враќањето од потенцијално заразени области со крлежи, вклучувајќи го и вашиот двор. Користете огледало за да го проверете целосно вашето тело. Најчесто крлежите можат да бидат прикачени: под пазуви, во препони, околу ушите, во папокот, во косата, помеѓу нозете, околу стомакот.
БОЛЕСТИ КОИ ГИ ПРЕНЕСУВААТ ПЕСОЧНИ МУШИЧКИ
Кожна лајшманиоза – е паразитарно заболување предизвикано од паразити од родот Leishmania, кои се пренесуваат преку убод од заразена песочна мушичка (Phlebotomus). Болеста ги зафаќа кожата и поткожното ткиво и најчесто не е животозагрозувачка, но може да остави трајни лузни доколку не се лекува.
Во Македонија кожната лајшманиоза се регистрира ретко, И покрај тоа, поради присуството на песочни мушички во регионот и појавата на болеста во соседните и медитеранските земји, важно е да се одржува континуиран надзор и навремено препознавање на сомнителните случаи.
Најчести симптоми на кожна лајшманиоза се: безболна јазолеста промена на кожата, појава на чир кој тешко зараснува, една или повеќе кожни лезии, локално зголемени лимфни јазли.
Висцерална лајшманиоза (кала-азар) – е тешко паразитарно заболување предизвикано од паразити од родот Leishmania, кои се пренесуваат преку убод од заразена песочна мушичка (Phlebotomus). Паразитот ги зафаќа внатрешните органи, најчесто слезината, црниот дроб и коскената срцевина. Без навремено лекување болеста може да има смртен исход.
Во Македонија висцералната лајшманиоза се регистрира спорадично и претставува ендемска зооноза во одредени подрачја. Главен резервоар на паразитот се кучињата, поради што надзорот над животните има значајна улога во контрола на болеста.
Најчести симптоми на висцерална лајшманиоза се: продолжена или повторувачка покачена телесна температура, изразена слабост и губење на телесна тежина, зголемена слезина и црн дроб, бледило поради анемија и ноќно потење. Раното поставување на дијагнозата и навременото лекување се клучни за успешно закрепнување.
Препораки за заштита од песочни мушички
Најважна мерка за превенција е заштитата од убоди од песочни мушички. При престој во подрачја каде што е присутна болеста се препорачува:
- користење репеленти на откриените делови од кожата;
- носење облека со долги ракави и ногавици, особено од самрак до зори кога песочните мушички се најактивни;
- престој во простории со заштитни мрежи на прозорците и вратите или под импрегнирани мрежи за спиење;
- намалување на местата погодни за размножување на песочните мушички во околината.
Бидејќи кучињата се главен резервоар на паразитот, редовната ветеринарна контрола и примената на средства за заштита од песочни мушички кај кучињата имаат важна улога во намалувањето на ризикот од пренесување на болеста.
