Микробиомот и неговата рамнотежа: што нудат тестовите Femoflor и Androflor

Прим. д-р сци. мед. Елена Крстевска-Келепуровска, специјалист микробиолог

ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола

 

Што е микробиом

Во и на човечкото тело живеат милијарди микроорганизми (бактерии, габички и вируси) кои заедно го сочинуваат микробиомот. Повеќето од нив не претставуваат опасност, туку се корисни и незаменливи за нормалното функционирање на организмот. Урогениталниот тракт има свој специфичен микробиом, а неговата рамнотежа е основа на локалниот имунитет и на репродуктивното здравје.

Нормоценоза и дисбиоза

Кога вагиналната микрофлора е во рамнотежа, т.е. кога доминираат корисните лактобацили, состојбата се нарекува нормоценоза. Кога таа рамнотежа ќе се наруши и лактобацилите отстапат место на анаеробни и други условно патогени бактерии, настанува дисбиоза.

Тестовите Real-Time PCR и нивната предност

Femoflor и Androflor се молекуларно-дијагностички тестови засновани на реакција на верижна полимеризација во реално време (Real-Time PCR). Оваа метода се одликува со висока специфичност и осетливост, овозможува детекција и одредување на процентот не само аеробни, туку и анаеробни бактерии, што тешко се докажуваат со класичните микробиолошки методи.

Femoflor — тест за жената

Кај жената, вагиналната микрофлора има директно влијание врз здравјето: високата застапеност на Lactobacillus spp. ја намалува подложноста на инфекции, вклучувајќи ги и сексуално преносливите. Femoflor 16 ја утврдува вкупната бактериска маса и концентрацијата (апсолутна и релативна) на клучните видови и родови микроорганизми, и врз основа на нивниот сооднос ја определува состојбата на вагиналната микрофлора, нормоценоза или дисбиоза. Дисбиозата притоа се степенува (умерена или тешка) и се определува дали доминира аеробната или анаеробната условно патогена флора. Како примерок се користи брис од вагина.

Androflor — тест за мажот

Androflor овозможува да се идентификуваат причинителите и степенот на нарушување на микрофлората во машкиот урогенитален тракт. Тестот се состои од два дела: квалитативна детекција на облигатните полово-преносливи патогени (Neisseria gonorrhoeae, Chlamydia trachomatis, Trichomonas vaginalis, Mycoplasma genitalium) и проценка на составот на микрофлората, широк спектар микроорганизми што кај мажот можат да бидат дел од нормалната флора или причинители на воспаленија. Како примерок се користи брис од уретра или прв млаз урина.

Зошто се користат најдобро заедно

Иако секој тест може да се користи засебно, најголема корист има кога се тестираат и двата партнери истовремено. Голем дел од урогениталните инфекции се повторуваат затоа што се лекува само едниот од партнерите, додека другиот, најчесто мажот, кој честопати нема симптоми, останува носител на истите микроорганизми и извор на нова инфекција. Со комбинирање на двата теста и заедничко толкување на резултатите се добива целосна слика за репродуктивниот потенцијал на парот, што ги прави особено значајни при планирање семејство.

Кај кои пациенти

Тестирањето е особено корисно во следниве ситуации:

  • повторливи или упорни вагинални инфекции, бактериска вагиноза, вагинитис или цервицитис;

  • воспаленија на органите на карличното дно, како и претходни спонтани абортуси или предвремени породувања;

  • тегоби кај мажот — чешање, печење, исцедок, непријатност, болка и пречки при мокрење;

  • планирање бременост, испитување на плодноста и подготовка за вонтелесно оплодување или уролошки интервенции;

  • превентивна проверка кај секоја жена, за навремено откривање на промени во вагиналната микрофлора.

Кои се бенефитите

Точната, квантитативна дијагноза овозможува насочена терапија, вистинскиот лек за детектираниот причинител, наместо емпириска. Со тоа се намалуваат непотребните и неуспешните лекувања и се спречуваат рецидивите. Дополнително, по завршената терапија тестот може да се повтори за да се потврди дека рамнотежата навистина е повторно воспоставена. За двојките што планираат потомство, ова е и важен чекор кон заштита на репродуктивното здравје.

Анализите се изведуваат во ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола.