Светски ден за борба против хепатитис- 28 јули

Светската Здравствена Организација (СЗО) го одбележува Светскиот ден за борба против хепатитисна 28 Јули.Под темата „Време е за акција“,годинешниот Светски ден за борба против хепатитис ја нагласува потребата од заеднички активности за проширување на пристапот до дијагноза и третман во земјите. 

ЈЗУ Центар за јавно здравје – Битола и оваа година активно се вклучува во одбележувањето на Светскиот ден за борба против хепатитис со одржување на повеќе здравствено-воспитни активности.

          ВИРУСЕН ХЕПАТИТИС- главни карактеристики

Хепатитисот е воспаление на црниот дроб кое е предизвикано од различни вируси и неинфективни агенси што доведува до низа здравствени проблеми, од кои некои може да бидат фатални. Постојат пет главни типови на вирусот на хепатитис: А, Б, Ц, Д и Е. Иако сите тие предизвикуваат заболување на црниот дроб, се разликуваат во однос на начините на пренос, сериозноста на болеста, географската дистрибуција и превенцијата.

Хепатитис А најчестосепренесувапрекувода, храна илипредметикоисезаразени со измет од лице кое е веќе болно или преку дирекетен контакт со болно лице. Хепатитис А не предизвикува трајни оштетувања на црниот дроб, ретко е фатален, но сепак може да предизвика потешки симптоми. Хепатитис А се спречува со редовно миење на рацете, пиење на исправна вода, користење на безбедна храна и вакцинација.

Хепатитис Б често се пренесува од заразена мајка на детето при породувањето. Инфекцијата се пренесува и преку контакт со заразена крв и други телесни течности преку инјектирање на дроги со заразени шприцеви и игли,тетовирање, пирсирање, сексуален контакт со заразено лице. Хепатитис Б може да предизвка акутно, но и хронично заболување кое може да доведе до појава на цироза или малигно заболување на црниот дроб. СЗО проценува дека во 2022 година околу 254 милиони луѓе живееле со хронична инфекција со хепатитис Б, а вирусот бил причина и за околу 1,1 милион смртни случаи истата година, главно поради цироза и хепатоцелуларен карцином. Хепатитис Б може да се спречи со вакцини кои се безбедни, достапни и ефективни.Вакцинацијата против Хепатитис Б е најдобра мерка за заштита.Во Р.С.Македонија вакцинацијата против Хепатитис Б е воведена во 2004 година како задолжителна вакцина во календарот за имунизација.

Хепатитис Ц се пренесува преку контакт со крв од заразено лице. Заразувањето настанува преку користење на нестерилни игли и шприцеви при инјектирање на дроги, тетовирање, пирсирањеи др. Пренесувањето од мајка на дете е исто така возможно. Болеста може да биде акутна и хронична, но кај повеќето лица се манифестира со хроничност кој може да премине во цироза или малигно заболување на црниот дроб. Моментално не постои вакцина против хепатитис Ц. Најдобра мерка на превенција за ова заболување кај лицата кои инјектираат дроги како највулнерабилна група е користење на шприцеви и игли за еднократна употреба. Исто така се препорачува користење на презервативи како заштитна мерка за спречување на ширењето на заболувањето по сексуален пат.

Хепатитис Д се пренесува преку заразена крв, и се јавува кај лица кои се веќе инфицирани со Хепатитис Б. Лицата кои не се заразени можат да го спречат заболувањето преку вакцинирање со вакцината против Хепатитис Б.

Хепатитис Е се пренесува најчесто преку контаминирана вода.  Болеста најчесто поминува сама по себе за 4 до 6 седмици, но кај бремените жени постои ризик за смртност. Користење на безбедна храна и вода, како и подобрена санитација ќе го спречи заболувањето.