Светски ден за борба против хепатитисот – 28 јули 2026
Светскиот ден за борба против хепатитисот се одбележува секоја година на 28 јули со цел да се подигне јавната свест за вирусните хепатитиси – воспаленија на црниот дроб кои можат да доведат до сериозни заболувања, вклучувајќи цироза и рак на црниот дроб. Темата на овогодинешната кампања е „Хепатитис: Да ги урнеме бариерите“ (Hepatitis: Let’s break it down), која упатува повик за отстранување на сите пречки што ги спречуваат луѓето навремено да добијат пристап до превенција, дијагностика, лекување и здравствена грижа. И покрај значајниот напредок во медицината, вирусните хепатитиси и понатаму претставуваат една од водечките причини за заболување и смрт што можат да се спречат. (1)
Повеќе од 287 милиони луѓе ширум светот живеат со хроничен вирусен хепатитис Б или Ц, а голем дел од нив не знаат дека се инфицирани. Бидејќи вирусниот хепатитис често поминува без симптоми, многу лица ја откриваат болеста дури кога веќе се развиле сериозни оштетувања на црниот дроб. Хроничните инфекции со вирусите на хепатитис Б и Ц се водечка причина за цироза и рак на црниот дроб. Секоја година повеќе од 1,3 милиони луѓе умираат од последиците на овие инфекции, што го прави вирусниот хепатитис една од водечките причини за смрт од заразни болести во светот.(2)
Денес постојат безбедни и ефикасни вакцини, сигурни дијагностички тестови, лекови кои овозможуваат излекување на хепатитис Ц и современи терапии со кои успешно се контролира хроничниот хепатитис Б. Со нивната примена можат да се спречат нови инфекции, да се спасат животи и значително да се намали ризикот од цироза и рак на црниот дроб. Сепак, многу луѓе сè уште не се дијагностицирани или немаат навремен пристап до здравствени услуги, поради што овогодинешната кампања повикува научно докажаните решенија да се претворат во конкретни активности и да се обезбеди еднаков пристап до превенција, тестирање, лекување и здравствена грижа за сите. (1)
Во Република Македонија, вакцинацијата против хепатитис Б е дел од задолжителниот Календар за имунизација од 2004 година. Благодарение на оваа мерка, бројот на новорегистрирани случаи на хепатитис Б континуирано се намалува, што ја потврдува ефикасноста на вакцинацијата како една од најзначајните јавно-здравствени мерки за превенција на ова заболување.
Центарот за јавно здравје Битола располага со вакцини против хепатитис Б за лицата родени пред 2004 година кои не биле опфатени со редовната имунизација или не се целосно вакцинирани. Воедно, Центарот располага со лабораториски капацитети за серолошка дијагностика на вирусните хепатитиси, овозможувајќи навремено откривање и потврдување на инфекцијата, што е од особено значење за рано започнување на лекувањето и спречување на понатамошното ширење на болеста.
По повод Светскиот ден на хепатитисот, Центарот за јавно здравје Битола ги повикува граѓаните да се информираат за начините на пренесување и превенција на вирусните хепатитиси, да го проверат својот вакцинален статус, да направат тестирање доколку припаѓаат на ризични групи и навремено да побараат медицинска помош. Раното откривање, навременото лекување и вакцинацијата спасуваат животи.
Користена литература:
- World Health Organization. World Hepatitis Day 2026 [Internet]. Geneva: World Health Organization; 2026 [cited 2026 Jul 22]. Available from: https://www.who.int/campaigns/world-hepatitis-day/2026
- World Hepatitis Alliance. World Hepatitis Day [Internet]. London: World Hepatitis Alliance; [cited 2026 Jul 22]. Available from: https://www.worldhepatitisday.org/
Одделение за епидемиологија
ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола
