Светски ден за борба против ХИВ/ СИДА 2022

Центарот за јавно здравје- Битола и оваа година активно се вклучува во одбележувањето на Светскиот ден за борба против ХИВ/ СИДА- 1 ви Декември.

ХИВ останува главен јавно-здравствен проблем кој афектира повеќе од 2 милиони лица во Европскиот СЗО регион. Во текот на последните неколку години, напредокот кон целите за ХИВ е запрен, ресурсите се намалија, а како резултат на тоа, голем број животи се загрозени. Нееднаквоста и неправедностите во пристапот до здравствена заштита, а особено здравствената заштита за ХИВ, и непочитувањето на човековите права резултираа со тоа да ХИВ остане и понатаму главен јавно-здравствен проблем.

Според СЗО, мотото за одбележување на Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА 2022 година гласи „Изедначи“. СЗО ги повикува глобалните лидери и граѓаните смело да ги препознаат и да ги решат нееднаквостите што го кочат напредокот за ставањето крај на СИДА-та како и да се изедначи пристапот до основните услуги за ХИВ, особено за клучните групи: мажи кои имаат секс со мажи, трансродови лица, луѓе кои користат дроги, сексуални работници, затвореници и мигранти и нивните партнери.

Во С. Македонија во 2022 година, заклучно со 30.11.2022, се регистрирани 36 случаи на ХИВ/СИДА. Од регистрираните случаи 86% се од машки пол. Во регионот на ЈЗУ Центар за јавно здравје- Битола (Битола, Кичево, Ресен и Д. Хисар) само во Битола има регистрирано едно лице со ХИВ, од машки пол, во возрасната група од 20-24 години.

Во Одделението по епидемиологија во Центарот за јавно здравје- Битола, активно работи Советувалиштето за доброволно, доверливо, анонимно и бесплатно советување и тестирање за ХИВ. Во текот на секој работен ден од 07:00 до 15:00 часот, сите заинтересирани лица можат да го посетат Советувалиштето и анонимно да се советуваат и тестираат за ХИВ.

ЈЗУ Центар за јавно здравје- Битола