Светски ден на здравјето – 7 април
Светскиот ден на здравјето се одбележува секоја година на 7 април, под покровителство на Светската здравствена организација -СЗО (World Health Organization, WHO). Овој датум го означува основањето на организацијата во 1948 година и има за цел да ја подигне свеста за важноста на здравјето како основно човеково право и предуслов за одржлив развој.[1] [2]
Ова година Светскиот ден на здравјето, СЗО го обединува и мобилизира светот под мотото „Заедно за здравјето. Поддржете ја науката“, (Togetherforhealth. Standwithscience) славејќи ја моќта на научната соработка за заштита на здравјето на луѓето, животните, растенијата и планетата. Целогодишната кампања ги става во фокус и научните достигнувања и мултилатералната соработка потребна за претворање на доказите во акција. [3]
Здравјето не се дефинира само како отсуство на болест, туку како СОСТОЈБА НА ЦЕЛОСНА ФИЗИЧКА, МЕНТАЛНА И СОЦИЈАЛНА БЛАГОСОСТОЈБА. Во современи услови, здравствените предизвици се посложени и вклучуваат хронични незаразни болести како што се кардиоваскуларните болести, дијабетесот и малигните заболувања, но и глобалните закани како пандемиите и климатските промени.[2] [3]
Секоја година, Светскиот ден на здравјето се одбележува со специфична тема која ги истакнува најважните здравствени приоритети. Преку кампањи, едукативни активности и јавни настани, се промовираат здрави животни навики како правилна исхрана, редовна физичка активност, ментална хигиена и превентивни прегледи. Особено внимание се посветува на еднаквиот пристап до здравствени услуги, бидејќи милиони луѓе во светот сè уште немаат пристап до основна здравствена заштита. [4]
Покрај индивидуалната одговорност, клучна улога имаат и здравствените системи и владините политики. Инвестирањето во примарна здравствена заштита, едукацијата на населението и превенцијата на болестите се сметаат за најефикасни начини за подобрување на општото здравје. Во таа насока, меѓународната соработка и размената на знаења се од суштинско значење за справување со глобалните здравствени предизвици. [2] [3]
Светскиот ден на здравјето претставува потсетник дека здравјето е заедничка одговорност. Преку информираност, солидарност и активна грижа за сопственото здравје, секој поединец може да придонесе кон создавање поздраво и поодржливо општество.
На Светскиот ден на здравјето, потсетуваме дека здравјето е основно право на секој човек. Под мотото „Заедно за здравје. Поддржете ја науката“, нека нашите навики и одлуки ја поддржуваат благосостојбата на секој од нас и на заедницата Нека секој ден биде посветен на грижа за телото и духот. На сите граѓани им посакуваме: живејте здраво, со радост и енергија и нека вашиот живот биде долготраен и исполнет!
Референци
x
|
1. |
World Health Organization. About WHO: History [Internet].; Geneva: World Health Organization [cited 2026 Apr 7]. Available from: https://www.who.int/about/history. |
|
2. |
World Health Organization. Constitution of the World Health Organization [Internet].; Geneva: WHO; 1948 [cited 2026 Apr 7]. Available from: https://www.who.int/about/governance/constitution. |
|
3. |
World Health Organization. World Health Day 2026: Together for health. Stand with science [Internet].; Geneva: WHO; 2026 [cited 2026 Apr 7]. Available from: https://www.who.int/campaigns/world-health-day/2026. |
|
4. |
World Health Organization. Noncommunicable diseases [Internet] [Internet].; Geneva: WHO; 2023 [cited 2026 Apr 7]. Available from: https://www.who.int/news-room/fact-sheets/detail/noncommunicable-diseases. |
|
5. |
World Health Organization. Universal health coverage (UHC) [Internet].; Geneva: WHO; 2025 [cited 2026 Apr 7]. Available from: https://www.who.int/news-room/fact-sheets/detail/universal-health-coverage-(uhc). |
