СВЕТСКИ ДЕН НА РАКОТ
Центарот за јавно здравје Битола и оваа година се приклучува кон одбележувањето на Светскиот ден за борба против ракот, 4-ти Февруари 2025 год. Кампањата под слоганот: „Уникатно поврзани“,треба да обединува поединци, организации и влади ширум светот со цел да се намали нееднаквостите во пристапот до превентивни услуги, дијагностика, третман и грижа за луѓето заболени од рак.Да се подигне свеста за важноста на различните аспекти на превенција и третман на ракот, да се подобри нивото на информираност и да се поттикнат личните, колективните активности на полето на контролата на ракот.
Идејата за Светскиот ден на ракот е замислена на првиот Светски самит за борба против ракот одржан во Париз во 2000 година.Сите можеме да придонесеме за заедничката цел преку нашите акции – намалување на бројот на предвремени смртни случаи од рак и други незаразни болести за една третина до 2030 година.
Експертите нагласуваат дека превенцијата е најефективната долгорочна стратегија за контрола на болестите и дека ракот рано откриен, во повеќето случаи, може да се излечи. Се верува дека речиси 40% од случаите на рак може да се спречат со ефективни превентивни стратегии .Кога станува збор за смртноста од рак, се наведува дека речиси половина од смртните случаи од рак во Европа може да се избегнат ако се следат 12 едноставни препораки од Европскиот кодекс против ракот:
– Не пуши.
– Не изложувајте се на чад од тутун од околината
– Одржувајте соодветна телесна тежина
– Хранете се здраво
– Вежбајте и движете се
– Намалете го внесот на алкохол
– Намалете ја изложеноста на сонце, особено за децата
– Заштитете се од супстанции кои предизвикуваат рак на работното место
– Проверете го нивото на радон во вашата околина и намалете ги високите вредности.
– Вакцинирајте ги децата против хепатитис Б (новороденчиња) и хуман папиломавирус (ХПВ) за девојчиња и момчиња пред пубертетот на возраст од 9-13 години
– Вежбајте доење (жени)
– Бидете активен учесник во програмите за рано откривање на рак на дебелото црево (мажи и жени), рак на дојка (жени) и рак на грлото на матката (жени)
Околу 30 отсто од сите смртни случаи од малигни заболувања се предизвикани од пет главни ризици во форма на нездрави однесувања и навики:
прекумерна телесна тежина,
недоволно внесување овошје и зеленчук,
недоволна физичка активност и
консумирање алкохол и тутунски производи.
Само зависноста од тутун е одговорна за една петтина од сите смртни случаи од малигни заболувања, како и за повеќе од 70 проценти од сите смртни случаи од рак на белите дробови. Околу 70 отсто од сите смртни случаи поврзани со малигни заболувања се случуваат во помалку развиените земји, а 20 отсто од нив се предизвикани од вирусни инфекции (вируси на хепатитис Б и Ц, хуман папиломавирус).
Што е рак?
Ракот настанува од една клетка која ја губи способноста адекватно да реагира, по малигната трансформација на контролните механизми на раст, поделба и смрт, што влијае на малигниот развој на клетката. Малигните клетки ја заобиколуваат нормалната клеточна регулација и контрола на поделбата, што предизвикува неконтролиран раст и формирање на малигни тумори (неоплазми) и метастази (ширење на малигните тумори во околните и далечните ткива). Процесот на овие промени поминува низ фази од премалигни промени до малигни промени. Можноста за излекување и лекување е многу поголема доколку ракот се открие во раните фази. Постојат преку 100 видови на рак, кои се именувани по органот или ткивото од кое потекнува ракот. Друг начин на класификација е според видот на клетките од кои се состои ракот, според кој главни подтипови се: карциноми, саркоми, лимфоми, леукемии и миеломи и рак на централниот нервен систем (мозок и ‘рбетниот мозок).
Изработил: спец.др. Марија Врчковска