СОВЕТИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА СОЛ ВО ИСХРАНАТА ЗА ВРЕМЕ НА ПРАЗНИЦИ

Во Република Северна Македонија, дневна потрошувачка на сол по лице е 10,7 g. Според препораките на Светската здравствена организација (СЗО) и многу други научни тела и организации, оваа количина не треба да е повеќе од 5 грама дневно. Прекумерната сол е подлога за развој болести како висок крвен притисок, дијабетес тип 2, бубрежни заболувања и сериозен фактор за влошување на истите и многу други.

За долго славење на празниците со семејството во добро здравје и хармонија, Институтот за јавно здравје на РСМ, Ве потсетува да намалите со количината на сол во исхраната и Ви дава неколку практични празнични насоки за тоа.

ОТСТРАНЕТЕ ГО СОЛАРНИКОТ ОД ПРАЗНИЧНАТА ТРПЕЗА
Со ова, ќе ја намалите можноста Вие или Вашите гости дополнително да ја посолувате храната.

КОРИСТЕТЕ НЕСОЛЕНИ ЗАМЕНИ ЗА СОЛТА
Не грижете се, јадењето на солена храна е само лоша навика која може да се смени. Почнете со намалување на сол во исхраната со тоа што нема додатно да ја посолувате. Ако сепак сакате да додате „вкус“ на храната, може да изберете црн бибер, луто, лимон, оцет, лук и други зачини. Бидете претпазливи во изборот на другите зачини, истите да не содржат сол.

БИДЕТЕ ВНИМАТЕЛНИ СО СОЛЕНИТЕ ПРОИЗВОДИ
Бидете внимателни со сувомеснати производи, саламурено месо, солени јаткасти плодови, конзервиран зеленчук, зимници, сосови, пекарски производи и слични солени производи, односно намалете со нивниот внес или сосем избегнувајте ги.

ПИЈТЕ ДОВОЛНО ВОДА
Водата не може да биде надоместена со од ниту еден друг вид на пијалак. За добро варење на храната, исфрлање на штетните материи и отстранување на солта од вашиот организам, пијте најмалку 2 литри вода во тек на денот.

ОДОЛЕЈТЕ НА ВАШИТЕ ЖЕЛБИ
Можеби нема да можете да контролирате каква храна Ви се сервира и ќе видите други луѓе како јадат. Да, тоа е примамливо. Но, самоконтролата Ви е најголемо оружје. За Ваше здравје, Вие сте моќни тоа да го направите.

Одделението за исхрана и здравствено-хигиенски прегледи при Институтот за јавно здравје Ви посакува среќни, здрави и „несолени“ празници.