СОСТОЈБА СО ГРИП / ИНФЛУEНЦА НА ТЕРИТОРИЈАТА НА ЦЕНТАР ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ-БИТОЛА (ноември 2019)

 ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на месец ноември 2019 година (од 45-та до 48-та недела) во Битола пријавени се 4 лица со грип. Во текот на истиот период минатата сезона (2018/19), во Битола беа пријавени 3 лица со симптоми на грип.

Во текот на 48-тата недела (25.11-01.12.2019) во Битола пријавено е само едно лице со грип со инциденција од 0.9 на 100.000 жители. Според инциденцијата на грип од 48-та недела во Битола, може да се заклучи дека сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип.

Во Република С. Македонија, во текот на 48-та недела од 2019 година пријавени се 109 лица со грип и инциденција од 5.3 на 100.000 жители. Исто како и во Битола, и во Република С. Македонија сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Скопје (n=49). Највисока неделна инциденца (I=25.2/100.000) е регистрирана во ПЕ Дебар.

Минатата сезона (2018/19), во Битола вкупно беа регистрирани 1428 лица со грип. Најголем број на заболени лица беа регистрирани во месец февруари односно 70% од вкупниот број на заболени лица од сезоната 2018/19 ( график 1).

График 1. Неделна дистрибуција на заболените од грип во Битола, сезона 2018/19 и сезона 2019/20

ГрипНоември2019

На останатата територија на Центар за јавно здравје- Битола (Кичево, Ресен и Демир Хисар) до 01.12.2019 година нема пријавено заболени лица со симптоми на грип, како и истиот период минатата сезона (2018/19). Во текот на минатата сезона во Кичево беа пријавени 649 лица, Ресен 253 лица, а во Демир Хисар 21 лице со симптоми на грип.

Во текот на месец декември се очекува зголемување на бројот на заболени лица од грип.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Центарот за јавно здравје-Битола препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • Постарите лица (над 65 години)
  • Деца на возраст од 6-59 месеци
  • Лица постари од 6 месеци со хронични болести
  • Бремени жени, и
  • Здравствени работници.

За сезоната 2019/2020, Министерството за здравство набави бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 2780 дози за територијата на Центар за јавно здравје- Битола (за Битола 1580 дози, Кичево 650 дози, Ресен 300 дози и Демир Хисар 250 дози), наменети за приоритетни групи население: за деца на возраст од 6 месеци до 5 години, за лица над 65 годишна возраст, лица со хронични заболувања и бремени жени во било кој период од бременоста, како и за здравствени работници. Дополнителни 3000 дози вакцина се набавени од страна на Центар за јавно здравје-Битола, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи и истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест (650 денари).

До 01.12.2019 година на територијата на Центар за јавно здравје- Битола вакцинирани се вкупно 2732 лица, од кои 1323 лица со комерцијални вакцини и 1409 лица со бесплатни вакцини.

Одделение за епидемиологија

ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *