12 Август – Меѓународен ден на младите
На 12 август секоја година се одбележува Меѓународниот ден на младите, ден посветен на подигнување на свеста за прашањата и предизвиците со кои се соочуваат младите, но и на препознавање на нивниот потенцијал и значајната улога во современото општество.
Во 2026 година, Меѓународниот ден на младите се одбележува под мотото „Different Contexts, Common Aspirations“ („Различни контексти, заеднички аспирации“). Овогодишната тема го нагласува фактот дека младите ширум светот живеат во различни општествени, економски и културни услови, но истовремено споделуваат низа заеднички стремежи и очекувања поврзани со нивната иднина.
Пристапот до образование, вработување, ресурси, дигитални технологии и можности за учество може значително да се разликува меѓу различни заедници и земји.
Затоа, поддршката за младите треба да се темели на разбирање на нивните различни потреби, но и на препознавање на нивните заеднички аспирации .
Обединетите нации ја нагласуваат потребата младите да бидат активни и рамноправни партнери во процесите на донесување одлуки и креирање политики. Младинското учество не треба да биде само декларативно, туку да создава реални можности младите да влијаат врз прашањата што го засегаат нивниот живот и нивната иднина.
Што може да направи за младите?
Поддршката на младите бара заедничко дејствување на институциите, образовните установи, граѓанскиот сектор, локалните заедници, бизнис-секторот и самите млади.
Особено значајни се:
Инвестирање во образование и развој на вештини – создавање можности младите да стекнуваат знаења и компетенции релевантни за современиот свет.
Поттикнување на вработувањето и претприемништвото – обезбедување услови младите да ги реализираат своите идеи и професионални потенцијали.
Јакнење на младинското учество – вклучување на младите во процесите на креирање политики и донесување одлуки.
Поддршка на младинските иницијативи и иновации – создавање простор за нови идеи, креативност и решенија предводени од младите.
Промовирање на инклузија и еднакви можности – секој млад човек треба да има можност за личен и професионален развој.
Поттикнување меѓугенерациски дијалог – поврзување на искуството на постарите генерации со енергијата, знаењето и перспективите на младите.
Различните услови во кои живеат младите не треба да бидат пречка за остварување на нивните аспирации.
Напротив, различноста може да биде извор на нови идеи, знаења и решенија.
На младите не им е потребно само да им кажуваме дека се иднината. Потребно е да им овозможиме да бидат активен дел од сегашноста.
Да ги слушаме нивните гласови.
Да ги поддржиме нивните идеи.
Да создадеме еднакви можности.
Да инвестираме во нивниот потенцијал.
Различни контексти. Заеднички аспирации. Заедничка иднина.
Историја за Меѓународниот ден на младите
Идејата за воспоставување на Меѓународен ден на младите била предложена во 1991 година од младите учесници на првата сесија на Светскиот младински форум на системот на Обединетите нации, одржана во Виена.
Во 1998 година, на Светската конференција на министри одговорни за младите, одржана во Лисабон од 8 до 12 август, била усвоена препорака 12 август да биде прогласен за Меѓународен ден на младите.
На 17 декември 1999 година, Генералното собрание на Обединетите нации, со Резолуцијата A/RES/54/120, ја поддржало препораката на Светската конференција и го прогласило 12 август за Меѓународен ден на младите.
Денот првпат е одбележан на 12 август 2000 година.
Генералното собрание препорачало организирање активности за информирање на јавноста со цел да се поддржи Меѓународниот ден на младите и да се промовира поголема свест за Светската програма за акција за млади, усвоена од Генералното собрание во 1995 година со Резолуцијата A/RES/50/81.
Светската програма за акција за млади опфаќа десет приоритетни области, меѓу кои се образованието, вработувањето, гладот и сиромаштијата, здравјето, животната средина, злоупотребата на дроги, малолетничката деликвенција, слободното време, девојчињата и младите жени, како и целосното и ефективно учество на младите во животот на општеството и во процесите на донесување одлуки.
Меѓународниот ден на младите е можност за:
информирање на јавноста за важноста на младинските прашања,
подигнување на свеста за Светската програма за акција за млади (усвоена во 1995 г. со резолуција 50/81) и
охрабрување на младите да преземат активна улога во развојот на нивните заедници.
ЈЗУ Центар за јавно здравје – Битола Одделение за социјална медицина
