14 Ноември Светски ден на дијабетесот
Дијабетесот е хронична, метаболичка болест која се карактеризира со зголемени нивоа на гликоза во крвта (шеќер во крвта), што води до сериозни оштетувања на срцето, крвните садови, очите, бубрезите и нервите со текот на времето.(1)
Основни типови на дијабетес:
· Дијабетес тип 1 (T1DM),се смета дека е предизвикан од автоимуна реакција (телото се напаѓа по грешка). Оваа состојба предизвикува вашето тело да не може да произведува инсулин или да не произведува доволно инсулин. Поради оваа состојба засегнатите лица треба да користат инсулин.
· Дијабетес тип 2 (T2DM) организмот (телото) не го користи добро произведениот инсулин и не може да го одржува нивото шеќерот во крвта на нормални граници. Овој тип на дијабетес се развива во текот на многу години и обично се дијагностицира кај возрасни (но се повеќе и повеќе кај деца, тинејџери и млади возрасни). Појавата на овој тип на дијабетес може да започне без да се забележат никакви симптоми, па затоа е важно да го тестирате шеќерот во крвта ако сте изложени на ризик.
· Гестациски дијабетес (GDM) се појавува кај бремени жени кои никогаш немале дијабетес. Гестацискиот дијабетес обично исчезнува по раѓањето на бебето (породувањето). Доколку имате гестациски дијабетес, вашето бебе може да биде изложено на поголем ризик за здравствени проблеми.(2)
Најчест е тип 2 на дијабетес (T2DM), обично кај возрасните, кој настанува кога телото станува отпорно на инсулин или не произведува доволно инсулин. Во последните три децении, распространетоста на тип 2 на дијабетес (T2DM) значително пораснала во земјите со сите нивоа на доход. Тип 1 на дијабетес, некогаш познат како дијабетес кај млади или инсулин-зависен дијабетес, е хронична состојба при која панкреасот произведува мало или никакво количество инсулин. За луѓето кои живеат со дијабетес, пристапот до достапно лекување, вклучувајќи инсулин, е клучен за нивното здравје. Постои глобално договорена цел за прекинување на порастот на дијабетесот и обезитетот до 2025 година.
Приближно 422 милиони луѓе ширум светот имаат дијабетес, од нив мнозинството живеат во земји со низок и среден приход, додека 1,5 милиони смртни случаи се директно поврзани со дијабетесот секоја година, абројот на случаи и распространетоста на дијабетесот постојано растат во последните неколку децении.
· Симптомите на тип 1 на дијабетес вклучуваат често уринирање, жед, постојан глад, губење на тежина, промени во видот и замор.
· Симптомите за тип 2 на дијабетес генерално се слични со оние за тип 1, но често се помалку изразени. Како резултат на тоа, болеста може да биде дијагностицирана неколку години по појавата, откако веќе ќе се појават компликации. Поради ова, важно е да се биде свесен за факторите на ризик.
„Светскиот ден на дијабетесот нуди можност да се подигне свеста за дијабетесот како критично глобално јавно здравствено прашање и да се нагласи колективниот и индивидуалниот ангажман што е потребен за подобрување на превенцијата, дијагнозата и управувањето со оваа состојба.
Во моментов Тип 1 на дијабетес не може да се спречи (превенира). Меѓутоа, постојат ефикасни пристапи за превенција на тип 2 на дијабетес и за спречување на компликациите и предвремената смрт што може да настанат од сите типови на дијабетес. Овие пристапи вклучуваат политики и практики што се применуваат кај целокупното население и во специфични услови (училиште, дом, работно место), кои придонесуваат за добро здравје на сите, без разлика дали имаат дијабетес или не. Пристапот вклучува редовно вежбање, здраво јадење, избегнување на пушењето, контрола на крвниот притисок и липидите.
Клучен почетен момент за добро живеење со дијабетес е раната дијагноза – колку подолго некој живее со недијагностициран и нелекуван дијабетес, толку полоши ќе бидат резултатите по здравјето. Затоа, лесниот пристап до основни дијагностички тестови, како што е тестирањето на гликоза во крвта, треба да биде достапен во примарните здравствени установи. Пациентите имаат потреба од редовна стручна контролаи лекување доколку се појават компликации.
Серија на интервенции може да ги подобри исходите за пациентите, без разлика кој тип на дијабетес го имаат. Интервенциитевклучуваат контрола на гликозата во крвта,правилна исхрана, физичка активност и доколку е потребно, медикаменти исто така и контрола на крвниот притисок и липидите со цел намалување на кардиоваскуларниот ризик и други компликации. Редовнаконтрола за откривање на оштетување на очите, бубрезите и нозете за да се овозможи рано лекување.
Да ја поддржуваме посветеноста за намалување на ризикот од дијабетес, сите оние луѓе кои се дијагностицирани со дијабетес да имаат пристап до еднакво, севкупно, пристапно и квалитетно лекување и грижа. Придружете ни се во подигањето на свеста, ширењето на знаењето и создавањето трајни промени за сите погодени од дијабетесот.“(1)
Според регистарот за дијабетес во 2023 година бројот на регистрирани лица во Македонија изнесува:130.459 лица (57.714 мажи или 44.24% и 72.745 жени или 55.76%)
Според типот на дијабетес
· Од T1DMсе засегнати:1.226 лица (652 мажи или 53.18% и 574 жени или 46.82%) или 0.94%;
· Од T2DMсе засегнати:129.010 лица (56.987 мажи или 44.17% и 72.023 жени или 55.83%) или 98.89%;
· Од Е13, Е14, Е23 (Друг означен дијабетес; Неозначен дијабетес; Хипофункција и други заболувања на хипофизата)се засегнати:166 лица (75 мажи или 45.18% и 91 жени или54.82%) или 0.13%
· Од GDM (дијабетес во бременост) биле засегнати: 75 жени или 0.04%
Според начинот на лекување:
· на орална медикаментозна терапија се 83.681 лице или 64.14%;
· на диета се 16.441 лице или 12.60%;
· на инсулин од почетокот на лекувањето се 6.095 лица или 4.67%;
· на инсулин во покасна фаза од лекувањето се 12.544 лица или 9.62%;
· не потенциран(друг) начин на лекување 11.698лица или 8.97%.
Вкупниот број на засегнатилица (преваленција) во Битола изнесува:7.597 лица (3.544 мажи или 46.64% и 4.054 жени или 53.36%) односно 5.82% од вкупниот број во Македонија.
Бројот на ново регистрирани лица за 2023 година (инциденцијата) во Битола изнесува:575 лица (271 мажи или 47.13% и 304 жени или 52.87%)(3)
Поради овој светски ден ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола организира бесплатно мерење на гликемија (шеќер во крвта) на случајни минувачи во центарот на градот.
Референци
1. | Светска здравствена организација (WHO). [Online].; 2024. Available from: https://www.who.int/health-topics/diabetes#tab=tab_1. |
2. | Centers for Disease Control and Prevention (CDC). Diabetes Basics. [Online]. [cited 2024 November. Available from: https://www.cdc.gov/diabetes/about/index.html. |
3. | ЈЗУ Инстиут за јавно здравје на Република Северна Македонија. Публикации. [Online]. [cited 2024 Ноември. Available from: https://iph.mk/Upload/Documents/ШЕЌЕРНА%20БОЛЕСТ,%202023.pdf. |