14 Ноември Светски ден на дијабетесот

Дијабетесот е хронична, метаболичка болест која се карактеризира со зголемени нивоа на гликоза во крвта (шеќер во крвта), што води до сериозни оштетувања на срцето, крвните садови, очите, бубрезите и нервите со текот на времето. [1]

Основни типови на дијабетес:

  • Дијабетес тип 1 (T1DM), се смета дека е предизвикан од автоимуна реакција (телото се напаѓа по грешка). Оваа состојба предизвикува вашето тело да не може да произведува инсулин или да не произведува доволно инсулин. Поради оваа состојба засегнатите лица треба да користат инсулин.
  • Дијабетес тип 2 (T2DM) организмот (телото) не го користи добро произведениот инсулин и не може да го одржува нивото шеќерот во крвта на нормални граници. Овој тип на дијабетес се развива во текот на многу години и обично се дијагностицира кај возрасни (но се повеќе и повеќе кај деца, тинејџери и млади возрасни). Појавата на овој тип на дијабетес може да започне без да се забележат никакви симптоми, па затоа е важно да го тестирате шеќерот во крвта ако сте изложени на ризик.
  • Гестациски дијабетес (GDM) се појавува кај бремени жени кои никогаш немале дијабетес. Гестацискиот дијабетес обично исчезнува по раѓањето на бебето (породувањето). Доколку имате гестациски дијабетес, вашето бебе може да биде изложено на поголем ризик за здравствени проблеми.[2]

Најчест е тип 2 на дијабетес (T2DM), обично кај возрасните, кој настанува кога телото станува отпорно на инсулин или не произведува доволно инсулин. Во последните три децении, распространетоста на тип 2 на дијабетес (T2DM) значително пораснала во земјите со сите нивоа на доход. Тип 1 на дијабетес, некогаш познат како дијабетес кај млади или инсулин-зависен дијабетес, е хронична состојба при која панкреасот произведува мало или никакво количество инсулин. За луѓето кои живеат со дијабетес, пристапот до достапно лекување, вклучувајќи инсулин, е клучен за нивното здравје. Постои глобално договорена цел за прекинување на порастот на дијабетесот и обезитетот до 2025 година.

  • Симптомите на тип 1 на дијабетес вклучуваат често уринирање, жед, постојан глад, губење на тежина, промени во видот и замор.
  • Симптомите за тип 2 на дијабетес генерално се слични со оние за тип 1, но често се помалку изразени. Како резултат на тоа, болеста може да биде дијагностицирана неколку години по појавата, откако веќе ќе се појават компликации. Поради ова, важно е да се биде свесен за факторите на ризик.

„Светскиот ден на дијабетесот нуди можност да се подигне свеста за дијабетесот како критично глобално јавно здравствено прашање и да се нагласи колективниот и индивидуалниот ангажман што е потребен за подобрување на превенцијата, дијагнозата и управувањето со оваа состојба.

Да ја поддржуваме посветеноста за намалување на ризикот од дијабетес, сите оние луѓе кои се дијагностицирани со дијабетес да имаат пристап до еднакво, севкупно, пристапно и квалитетно лекување и грижа. Придружете ни се во подигањето на свеста, ширењето на знаењето и создавањето трајни промени за сите погодени од дијабетесот.“ [1]

Според регистарот за дијабетес, во 2025 година бројот на регистрирани лица во Р. С. Македонија изнесува: 141.891 лица (7.75%) од нив 63.228 мажи (44.56%) и 78.663 жени (55.44%) [3]

Во Општина Битола, новорегистрирани (инциденцијата) во 2025 година изнесува 513 (7,76%) како дел од вкупната инциденцијата во РСМ од нив: 271 се жени (7,66%) и 242 се мажи (7,87%). Додека бројот на заболени лица (преваленција) изнесува 5.624, од кои 2.655 се мажи (47,2%), додека 2.969 се жени (52,8%).

Според типот на дијабетес, состојбата е следна:

  • Дијабетес тип 1 (T1DM) засегнати се 87 лица (1,55%);
  • Дијабетес тип 2 (T2DM) засегнати се 534 лица (98,40%);
  • Дијабетес во бременост (О24) засегнати се 3 лица (0,05%).

Според начинот на лекување, состојбата е следна:

  • на диета биле 163 лица (2,9%);
  • на Инсулинска терапија биле 244 лица (22,12%);
  • на орална медикаментозна терапија биле 217 лица (74,98%);[4]

По повод Светскиот ден на дијабетесот, денес, ЈЗУ Центар за јавно здравје – Битола организираше бесплатно мерење на гликемија (шеќер во крвта) за случајни минувачи на плоштад „Магнолија“ во Битола. Акцијата беше поддржана од Општина Битола, во соработка со Ротари клуб Битола и ОО Црвениот крст Битола. Исто така во тек на утрешниот ден (петок) 13.11.2026 година истата акција ќе се спроведува во ЈОУ Дом за стари лица Сју Рајдер – Битола.

Референци

1.

Светска здравствена организација (WHO). [Internet].; 2026 [cited Nov. 11]. Available from: https://www.who.int/health-topics/diabetes#tab=tab_1.

2.

Centers for Disease Control and Prevention (CDC). Diabetes Basics [Internet]. [cited 2026 Nov. 11]. Available from: https://www.cdc.gov/diabetes/about/index.html.

3.

ЈЗУ Инстиут за јавно здравје на Република Северна Македонија. Публикации [Internet]. [cited 2026 Nov.]. Available from: https://iph.mk/Upload/Editor_Upload//%D0%A0%D0%95%D0%93%D0%98%D0%A1%D0%A2%D0%90%D0%A0%20%D0%97%D0%90%20%D0%A8%D0%95%D0%8C%

D0%95%D0%A0%D0%9D%D0%90%20%D0%91%D0%9E%D0%9B%D0%95%D0%A1%D0%A2%202025.pdf.

4.

ЈЗУ Центар за јавно здравје – Битола. Одделение за социјална медицина [Internet]. [cited 2026 Nov. 11]. Available from: https://cjzbt.org.mk/.