31 Мај - Светски ден без тутун

НИ ЈА ТРУЈАТ ПЛАНЕТАТА !!!

Штетите од употребата на тутун се добро утврдени. Тутунот убива над 8 милиони луѓе секоја година, а исто така ја уништува нашата средина потребна за здравје и благосостојба. Преку одгледување, производство, дистрибуција, потрошувачка и отпад по употребата, тутунот ѝ штети на нашата животна средина. Ги уништува нашите шуми, ја користи нашата безбедна вода за пиење и го загадува нашиот воздух, а штетните влијанија продолжуваат да растат, додавајќи непотребен притисок врз и онака оскудните ресурси на нашата планета и кревките екосистеми.

Темата на Светскиот ден без тутун оваа година е „Тутунот: Закана за нашата животна средина“. Кампањата има за цел да ја подигне свеста кај јавноста за негативните влијанија на тутунот врз животната средина – од одгледување, производство, дистрибуција и отпад.

Кампањата, исто така, служи како повик за акција, ангажирајќи ги релевантните засегнати страни, особено младите, да се залагаат за ефективни политики со кои тутунската индустрија ќе биде одговорна и ќе ги спречи еколошките штети предизвикани од тутунот.1

Центарот за јавно здравје – Битола по повод на Светскиот ден за борба против пушењето презеде низа активности со цел да се подигне свеста кај населението особено кај младите лица. Со таа цел беа посетени основните и средните училишта во подрачјето на Центарот за јавно здравје Битола, каде се одржаа предавања на тема влијанието и негативните дејства на цигарите врз здравјето на населението.

 

Штетното дејство на чадот од цигарите кај пушачите кои како активни внесувачи на штетните супстанции од чадот, особено негативно влијае за појава на рак на белите дробови, устата, горкланот, гастро-интестиналниот тракт, мочниот меур и е причина за настанување на ХОББ (хронична опструктивна белодробна болест).

Чадот ги оштетува крвните садови на срцето, мозокот и другите органи.

Чадот од цигари резултира со ниска родилна тежина кај новороденчето, а кај бремените жени предизвикува предвремени породувања и спонтани абортуси.

Штетно дејство има и кај непушачите т.н. пасивни пушачи – лица кои се наоѓаат во просторијата каде што се пуши.

Поради овие негативни влијанија Светската здравствена организација и Центарот за јавно здравје – Битола апелира:

  • Воопшто да не започнеме да пушиме!

  • Ако пушиме да престанеме!

  • Да не престојуваме во простории каде што се пуши!

  • Родители не давајте лош пример на своите деца.

Законската регулатива од дејство на пушењето е уредена со Закон за заштита од пушењето. Со овој закон се уредува заштитата од штетните дејствија на пушењето на тутун и други производи од тутун врз граѓаните, зачувувањето на здрава животна средина, забрана на пушењето во јавни простории и забрана за рекламирање на цигарите.

ЈЗУ Центар за јавно здравје – Битола
31.05.2022 година