Препораки за заштита на здравјето на вработените во услови на топлотен бран
1.1. Општи препораки
• Правилен режим на исхрана со внесување доволно минерали, белковини и витамини, консумирање што повеќе овошје и зеленчук и избегнување тешка и мрсна храна;
• Задолжително внесување течности – минимум 2 литри вода дневно. Во услови на високи температури се препорачува внесување по една чаша вода на секои 20 минути. Да се избегнува консумација на алкохол и напитоци кои содржат кофеин, поради можноста за дехидратација. При засилено потење и интензивна физичка активност, поради можен губиток не само на течности туку и на минерали, се препорачува внесување течности кои содржат електролити;
• Земање лекови само по консултација со лекар;
• Намалување на интензитетот на физичките активности, особено во периодите со највисоки температури;
• Соодветен режим на одмор, со обезбедување кратки и редовни паузи во текот на работата;
• Доволно спиење и одмор надвор од работното место;
• Често туширање и разладување, по можност и на работното место;
• Едукација на вработените за ризиците од изложеност на високи температури на работното место, како и информирање за процесот на аклиматизација, односно адаптирање на организмот на високи температури. Аклиматизацијата делумно се постигнува во период од околу 7 дена, а целосно во период од околу 20 дена.
1.2. Користење лични заштитни средства
• При работа да се користи облека изработена од лесни и порозни материјали, како природни влакна, памук и лен, по можност во светли бои. При работа на отворен простор задолжително да се користат заштитни очила и капи за заштита на главата и вратот;
• Да се избегнува носење облека која го ограничува или намалува потењето. При значително потење да се менува облеката;
• При работа на отворено да се користи крема со заштитен УВ-фактор (SPF) 30 или повисок на откриените делови од телото.
1.3. Едукација за прва помош на работното место
• Подготовка и спроведување процедури за постапување во вонредни ситуации, при што во секоја работна смена треба да биде определено најмалку едно лице кое е обучено за давање прва помош;
• Едукација на вработените за рано препознавање на симптомите предизвикани од изложеност на високи температури, како што се топлотна исцрпеност и топлотен удар: исцрпеност, слабост, замор, главоболка, несвестица, бледило, вртоглавица, повраќање, вознемиреност, конфузија, колапс, конвулзии и шок;
• Поттикнување на самопријавување на симптомите и грижа за колегите, со навремено препознавање на можните знаци на топлотна исцрпеност или топлотен удар;
• На лицата кои пројавуваат некои од наведените симптоми не треба да им се дозволи да го напуштат работното место и да одат дома додека не се стабилизираат и не добијат соодветна помош, бидејќи состојбата може нагло да се влоши.
1.4. Давање прва помош
• Доколку лицето на кое му е потребна помош има топла и сува кожа, грчеви и/или е во бессознание, потребно е веднаш да се повика Итна медицинска помош на телефонскиот број 194;
• Додека се чека итната медицинска помош, лицето треба да се премести на ладно или разладено место и да се постави во хоризонтална положба, со подигнати нозе од колковите;
• Потребно е да се отстрани вишокот облека и да се воспостави надворешно ладење преку поставување студени облоги на вратот, под пазувите и во пределот на препоните, како и континуирано ладење и навлажнување на кожата со вода;
• Потребно е редовно мерење на телесната температура. Да не се дава терапија или лекови додека не пристигне медицинската помош, освен доколку тоа не е наложено од медицинско лице;
• Ако лицето е во бессознание, потребно е да се провери дишењето и, доколку дише, да се постави во стабилна странична положба и постојано да се следи до пристигнување на итната медицинска помош;
• Ако лицето не дише нормално, веднаш да се повика итната медицинска помош и да се започне кардиопулмонална реанимација (КПР), доколку присутното лице е обучено за нејзино спроведување.
Извор на препораките: Препораките се преземени и адаптирани од „Акциски план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението во Република Северна Македонија 2025–2030“, Додаток бр. 4: „Препораки за заштита на здравјето на вработените во услови на топлотен бран“.
Слика : Работа во услови на високи температури.
Извор: Foresight Team (2023), Heat Waves and Worker Protection: The New Normal for Insurers. Достапно на: Foresight – Heat Waves and Worker Protection
