Светски ден за борба против остеопорозата - 20 октомври

Светскиот ден за борба против остеопорозата се одбележува секоја година на 20 октомври со цел да се подигне свеста за оваа тивка, но сериозна болест.

Остеопорозата е болест која ги прави коските слаби и кршливи. Ова значително го зголемува ризикот од скршеници на коските дури и по мал пад или удар. Болеста нема очигледни симптоми, па затоа многу луѓе не знаат дека имаат остеопороза сè додека не доживеат скршеница. Скршениците можат да го променат животот, предизвикувајќи болка, инвалидитет и губење на независноста. Затоа е важно да се спречи остеопорозата!

Остеопорозата најчесто се појавува кај жени по менопауза (50+) и постари лица, но може да се развие и кај мажи и помлади лица. Болеста долго време нема симптоми, сè додека не дојде до скршеница (затоа често се нарекува тивка болест) — најчесто на колк, ‘рбет или зглоб.

Како се поставува дијагноза?
1. Анамнеза и проценка на ризик – Лекарот најпрво зема податоци за: Возраст, пол и семејна историја на болеста; Претходни фрактури; Начин на исхрана и физичка активност; Присуство на други болести или терапии што влијаат на коските (на пр.долготрајна терапија со кортикостероиди).
2. Мерење на коскена густина DEXA – (Dual-energy X-ray absorptiometry) – златен стандард за дијагноза на остеопороза, најчесто на колк и ’рбет.

 Резултатот се изразува како T-score:

o T-score ≥ -1.0 → нормална коскена густина

o T-score помеѓу -1.0 и -2.5 → остеопенија (намалена густина, но не
остеопороза)

o T-score ≤ -2.5 → остеопороза.

Причини и ризик-фактори:
 Возраст и хормонални промени
 Недостаток на физичка активност
 Недоволен внес на калциум и витамин Д
 Пушење и прекумерна употреба на алкохол
 Генетска предиспозиција

Превенцијата е клучна:
 Редовна физичка активност (пешачење, танц, вежби со отпор)
 Здрава исхрана богата со калциум и витамин Д
 Престанок на пушење и умерено консумирање алкохол
 Редовни лекарски прегледи и мерење на коскена густина кај ризични групи

Застапеност на глобално ниво
 Една мета-анализа покажа дека околу 18.3% од популацијата во светот има
остеопороза. Кај жените, преваленцијата е повисока — околу 23.1%, а кај мажите
околу 11.7%.

 Во возрасните групи над ~50 години преваленцијата се искачува: студија ја проценува како околу 21.7% кај повозрасната популација.

Состојба во Европа и ЕУ
 Во земјите на Европската унија (ЕУ27), во 2010 година, се проценува дека 22
милиони жени и 5.5 милиони мажи на возраст од 50 до 84 години живееле со
остеопороза.
 Се предвидува дека овој број ќе се зголеми до 33.9 милиони лица (мажи и жени) во
ЕУ до 2025, поради стареењето на популацијата.

Состојба во Соединетите Американски Држави:
 Процент на мажи на возраст од 50 години и постари со остеопороза на вратот на
бутната коска или лумбалниот рбет: 4,2%
 Процент на жени на возраст од 50 години и постари со остеопороза на вратот на
бутната коска или лумбалниот рбет: 18,8%