Што е грип и кој има најголем ризик од компликации? Грипот е вирусно заболување кое ги зафаќа горните дишни патишта:нос, грло, а во потешките форми може да ги зафати и долните дишни патишта….
Што е грип и кој има најголем ризик од компликации?
Грипот е вирусно заболување кое ги зафаќа горните дишни патишта:нос, грло, а во потешките форми може да ги зафати и долните дишни патишта. Секоја година од вирусот на грип се заразуваат 5% до 15% од населението. Кај најголем дел од луѓето, грипот минува како релативно лесно заболување, но одредени лица се со поголем ризик за серизни компликации кои можат да доведат до потреба за болничко лекување, а во некои случаи и до смрт.
Под поголем ризик за компликации се:
- Возрасни лица над 65 години
- Бремени жени
- Деца на возраст од 6 месеци до 5 години
- Лица со хронични заболувања (астма, белодробни заболувања, дијабетес, кардиоваскуларни заболувања и др.)
Кои се симптомите на грип?
Грипот има ненадеен почеток најчесто со следниве симптоми:
- Треска и покачена температура
- Главоболка
- Општа малаксаност
- Солзење од очи и секреција од нос
- Гребење и болка во грлото
- Кашлица (најчесто сува)
- Болки во мускулите и зглобовите
Како се пренесува грипот?
Грипот е заразно заболување кое се шири од човек на човек, преку ситни капки кои заразениот човек ги исфрла преку кашлање, кивање, или индиректно преку контакт со предмети кои биле во допир претходно со заразен човек.
Како најдобро да се заштитиш од грип?
- Најдобар начин да го намалите ризикот од грип и можните сериозни компликации е да се ВАКЦИНИРАТЕ против грип секоја година!
- Почесто мијте ги рацете со сапун и вода
- Избегнувате близок контакт со болни лица
Заштитете се од грип- ВАКЦИНИРАЈТЕ СЕ!