СОСТОЈБА СО ГРИП / ИНФЛУEНЦА ВО БИТОЛА (март 2019)

ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на месец март 2019 година (од 10-та до 13-та недела) во Битола пријавени се 197 лица со грип. Во текот на истиот период минатата сезона, вкупно беа пријавени 62 лица, што значи оваа сезона бројот на заболени лица е зголемен за 3,2 пати во споредба со истиот период минатата сезона. Вкупниот број на заболени лица за оваа сезона заклучно со месец март изнесува 1422, што е намалување за 9,6 % во однос на истиот период од минатата сезона.

Во текот на 13-тата недела (25.03-31.03.2019) пријавени се 20 лица со инциденција од 19,7 на 100.000 жители. Според инциденцијата на грип од 13-та недела во Битола, може да се заклучи дека активноста на вирусот на грип е под неделната граница на сезонска (ниска) активност.

Во Република Македонија, во текот на 13-та недела од 2019 година пријавени се 478 лица со грип и инциденција од 23,1 на 100.000 жители. Исто како и во Битола, и во Република Македонија регистрираната инциденција мината недела е под неделната граница на сезонска (ниска) активност на вирусот на грип. Најголем број заболени лица се пријавени од подрачјето на Центар за јавно здравје-Скопје (n=97), а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето Кавадарци (I=79,5/100.000).

Во текот на изминатата недела, регистрирани се 5 смртни случаи асоцирани со грип, од тоа кај 2 лица е утврдена претходна хронична болест/ ко-морбидитет. Смртните случаи се регистрирани кај лица од Скопје, Делчево, Крива Паланка, Охрид и Тетово. Возраста на починатите се движи од 39-75 години.

Минатата сезона (2017/18), во Битола вкупно беа регистрирани 1573 лица со грип. Најголем број на заболени лица беа регистрирани во месец февруари односно 76% од вкупниот број на заболени лица од сезоната 2017/18 ( график 1).

График 1. Неделна дистрибуција на заболените од грип во Битола, сезона 2018/19 и сезона 2017/18

GripMart

Во текот на месец април се очекува намалување на бројот на заболени лица од грип.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Центарот за јавно здравје – Битола препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризични групи (согласно препораките на СЗО):

· бремени жени, во било кој стадиум од бременоста

· деца на возраст од 6 месеци до 5 години

· постари лица на возраст од 65 години и повеќе

· лицата со хронични заболувања и состојби на намален имунитет

· здравствени работници.

За првпат, од оваа сезона на инфлуенца, во Р. Македонија започна бесплатна вакцинација против инфлуенца за одредена категорија на население. За таа намена, Министерството за здравство набави 3800 дози за територијата на Центар за јавно здравје- Битола (Битола, Кичево, Демир Хисар, Ресен). Дополнителни 3000 дози се набавени како комерцијални вакцини за останатото население.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *