ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР
Во текот на месец јануари 2019 година (од 1-ва до 5-та недела) во Битола пријавени се 227 лица со грип. Само во текот на 5-тата недела (28.01-03.02.2019) пријавени се 164 лица со инциденција од 161,9 на 100.000 жители. Во текот на истиот период од минатата година 2018 (од 1-ва до 5-та недела) пријавени беа 400 лица, што значи дека бројот на заболени лица сега е намален за 173. Вкупниот број на заболени лица за оваа сезона заклучно со месец јануари изнесува 257, што е намалување за 38% во однос на истиот период од минатата сезона.
Според инциденцијата на грип од 5-та недела во Битола, може да се заклучи дека активноста на вирусот на грип е за прв пат оваа сезона во сезонско ниво, односно дека во 5-та недела е достигнат прагот за влез на сезоната на грип со средна активност.
Во Република Македонија, во текот на 5-та недела од 2019 година пријавени се 1252 лица со грип и инциденција од 60,5 на 100.000 жители. Според овие податоци, регистрираната инциденција во Република Македонија oваа недела исто како и на територијата на Битола за прв пат оваа сезона е над неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на Центар за јавно здравје-Струмица (n=176), а највисока инциденциjа е регистрирана на подрачјето на Кратово (313,5/100.000).
Минатата сезона (2017/18), во Битола вкупно беа регистрирани 1573 лица со грип. Најголем број на заболени лица беа регистрирани во месец февруари односно 76% од вкупниот број на заболени лица од сезоната 2017/18 ( график 1).
График 1. Неделна дистрибуција на заболените од грип во Битола, сезона 2018/19 и сезона 2017/18
Во текот на месец февруари и почетокот на месец март се очекува зголемување на бројот на заболени лица од грип.
ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Центарот за јавно здравје- Битола препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризични групи (согласно препораките на СЗО):
* бремени жени, во било кој стадиум од бременоста
* деца на возраст од 6 месеци до 5 години
* постари лица на возраст од 65 години и повеќе,
* лицата со хронични заболувања и состојби на намален имунитет
* здравствени работници.
За првпат, од оваа сезона на инфлуенца, во Р. Македонија започна бесплатна вакцинација против инфлуенца за одредена категорија на население. За таа намена, Министерството за здравство набави 3800 дози за територијата на Центар за јавно здравје Битола (Битола, Кичево, Демир Хисар, Ресен). Дополнителни 3000 дози се набавени како комерцијални вакцини за останатото население.
Вакцинацијата со бесплатните и комерцијалните вакцини против инфлуенца се спроведува во Центарот за јавно здравје- Битола со своите подрачни единици, како и претходните сезони со тоа што за прв пат од оваа сезона, закажувањето за бесплатните вакцини е преку матичен лекар во системот Мој Термин.
До 31.01.2019 година на територијата на Центар за јавно здравје- Битола вакцинирани се вкупно 5202 лица, од кои 2967 лица со комерцијални вакцини и 2235 лица со бесплатни вакцини.
Во текот на сезоната 2017/18, вкупно беа набавени и аплицирани 3799 вакцини. Оваа сезона, до 31.01.2019 година, бројот на вакцинирани лица во регионот на Центар за јавно здравје- Битола е зголемен за 36,9% во споредба со вкупниот број на вакцинирани лица од минатата сезона (график 2).
График 2. Вкупно вакцинирани лица во сезоната 2017/18 и вакцинирани лица заклучно со 31.01.2019 во сезоната 2018/19 на територијата на Центар за јавно здравје- Битола.