“ТУТУНОТ ГО УНИШТУВА СРЦЕТО”, Светски ден без тутун 31 мај 2018

 

Центарот за јавно здравје Битола, секоја година на 31 Мај, преку своето Советувалиште за одвикнување од пушењето, во соработка со Институтот за јавно здравје на Р.Македонија, Светската здравствена организација (СЗО) и партнерите, го одбележува Светскиот ден без тутун, истакнувајќи ги здравствените и другите ризици кои што се поврзани со употребата на тутун и се залага и спроведува активности со цел превенирање на болестите поврзани со тутунот.


Фокусот на овогодинешниот Светски ден без тутун е “Тутунот и болестите на срцето”. Кампањата треба да ја зголеми свеста за причинската врска помеѓу тутунот и срцето, односно тутунот и кардиоваскуларните заболувања (коронарна срцева болест, мозочен удар и периферна васкуларна болест), кои воедно се водечки причини за смрт во светот. Пушењето придонесува за приближно 12% од сите смртни случаи од срцеви заболувања.

Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот претставува пресвртница во промовирањето на јавното здравје. Тоа е договор врз основа на докази кој го потврдува правото на луѓето на највисокиот стандард на здравје, обезбедува правни димензии за меѓународната здравствена соработка и поставува високи стандарди за усогласување.

.Активностите на Центарот за јавно здравје Битола се во согласност со Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот и подразбираат три од шестте MPOWER мерки:

• Заштита на луѓето од употребата на тутун

• Нудење помош за откажување од тутунот

• Предупредување и едукација за опасностите од тутунот

На тој начин ќе се превенираат болести кои се последица од злоупотреба на тутунот.

Повеќето од пушачите кои се свесни за опасностите од тутунот, сакаат да се откажат од истиот. Советувањето и лекувањето е од особено значење, затоа што можат повеќе од двојно да ја зголемат шансата за успех на пушачот кој се обидува да се откаже.

Клучни факти

• Тутунот убива до половина од своите корисници.

• Тутунот убива повеќе од 7 милиони луѓе секоја година. Повеќе од 6 милиони од овие смртни случаи се резултат на директна употреба на тутун, додека околу 890 000 се резултат на тоа што непушачите се изложени на чад од пасивното пушење.

• Околу 80% од 1,1 милијарда пушачи во светот живеат во ниско и средно развиени земји.

Корисниците на тутунот кои умираат прерано ги лишат нивните семејства од приход, ги зголемуваат трошоците за здравствена заштита и го попречуваат економскиот развој.

Во некои земји, децата од сиромашните семејства често се вклучени во одгледување на тутунот, со цел да обезбедат семеен приход. Овие деца се особено ранливи на “зелената тутунска болест”, која е предизвикана од никотинот кој се апсорбира преку кожата од допирот на влажните листови од тутунот.

Пасивното пушење убива

Пасивното пушење е чадот кој што ги исполнува рестораните, канцелариите или другите затворени простори кога луѓето горат тутунски производи како што се цигари, рачно свиткани цигари (bidis) и наргиле. Постојат повеќе од 4000 хемикалии во тутунскиот чад, најмалку 250 од нив се познати како штетни, а повеќе од 50 се познати како предизвикувачи на рак.

Не постои безбедно ниво на изложеност на пасивно пушење.

• Кај возрасните, пасивното пушење предизвикува сериозни кардиоваскуларни и респираторни заболувања, вклучувајќи коронарна срцева болест и рак на белите дробови. Кај доенчињата предизвикува ненадејна смрт. Кај бремени жени предизвикува ниска родилна тежина за новороденчето.

• Речиси половина од децата редовно дишат воздух кој што е загаден со чад од тутун на јавни места.

• Пасивното пушење предизвикува повеќе од 890 000 предвремени смртни случаи годишно.

Надзорот е клучен

Добриот мониторинг го следи обемот и карактерот на епидемијата на тутун и укажува на тоа како најдобро да се прилагодат на политиките.Само 1 од 3 земји, што претставува 39% од светското население, ја следи употребата на тутун преку повторување на националните репрезентативни анкети за млади и возрасни најмалку еднаш на секои 5 години.

За повеќе детали за напредокот направен за контрола на тутунот на глобално, регионално и државно ниво, ве молиме погледнете ги серијата извештаи на Светската здравствена организација за глобалната епидемија на тутун.

Тутунот го уништува срцето – презентација [pdf-embedder url=”http://localhost/cjzbt/wp-content/uploads/2018/05/tutunot-go-unistuva-srceto-1.pdf” title=”tutunot go unistuva srceto (1)”]

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *